Wassim Samih Seifeddine
01 Јуни 2026•Ажурирано: 01 Јуни 2026
Голем број жители почнаа масовно да ги напуштаат своите домови во јужните предградија на Бејрут денес, откако Израел се закани дека ќе ја бомбардира либанската престолнина, иако во моментов официјално е на сила договорот за прекин на огнот, јавува Анадолу.
На патиштата и влезовите во јужните предградија се случи сериозен сообраќаен метеж, во кој жителите останаа заглавени со часови пред да се упатат кон централниот дел на Бејрут, јавува дописникот на Анадолу.
Многу жители се евакуираа од своите домови откако израелските медиуми објавија дека Армијата има намера да издаде предупредувања за евакуација на подрачјата за кои се очекува да бидат цел на напади.
Во меѓувреме, Либанскиот универзитет ги одложи испитите на своите факултети и институти во универзитетскиот кампус „Рафик Харири“ во Хадат во Бејрут и во јужниот град Сидон за следната недела, повикувајќи се на актуелната безбедносна ситуација.
Универзитетот во соопштението појасни дека во сите нивни останати факултети низ земјата, испитите ќе си продолжат според предвидениот распоред.
Претходно денес, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на Армијата да изврши воздушни напади во Бејрут среде новата ескалација, и покрај прекинот на огнот со посредување на САД што е на сила од 17 април.
Наредбата доаѓа во пресрет на новата рунда преговори меѓу Бејрут и Тел Авив во Вашингтон, под американско посредување.