Rabia İclal Turan
21 Декември 2022•Ажурирај: 23 Декември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, објави дека ќе се повлече од функцијата извршен директор на компанијата штом најде наследник за таа позиција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе поднесам оставка од функцијата извршен директор веднаш штом најдам некој доволно луд да ја преземе работата! По тоа, само ќе ги водам тимовите за софтвери и сервери“, напиша Маск на Твитер.
Објавата на Маск следуваше по анкетата што ја објави на Твитер во која праша дали треба да се повлече од функцијата извршен директор на платформата за микроблогирање што ја купи претходно оваа година за 44 милијарди долари.
„Ќе ги почитувам резултатите од оваа анкета“, додаде Маск.
Над 17,5 милиони гласови беа дадени низ целиот свет, при што јасно мнозинство од 57,5 отсто рекоа „да“, наспроти само 42,5 отсто кои рекоа „не“. Маск ги објави резултатите во понеделникот.
Анкетата не понуди трета опција „не сум сигурен/не знам“, а точноста на ваквите онлајн анкети е доведена во прашање, но се чини дека резултатите му нудат на Маск начин за благодатно да го напушти проблематичниот мандат во Твитер.
Маск ја објави анкетата откако призна дека направил грешка со донесувањето нови ограничувања кои забранија споменување на конкурентни веб-страници за социјални медиуми, како што се Мастадон и Инстаграм.
Поради бурните реакции, Маск вети дека нема да прави дополнителни големи промени во политиката додека не ги добие резултатите од истражувањето.
Анкетата следуваше по брзите и очигледно непредвидливи одлуки на Маск да забрани и да ја укине забраната за неколку новинари од платформата, од кои некои беа негови критичари, како и отпуштање на околу половина од персоналот на Твитер и други бурни потези кои оставија многумина да се сомневаат дали популарниот сервис има некаква иднина пред себе, барем под сегашното раководство.