Canberk Yüksel
11 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, вчера ја именуваше пакистанската активистка за човекови права, Малала Јусуфзаи (19) за гласник на мирот на ОН, за да продолжи да го промовира образованието за девојчињата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Најмладата добитничка на Нобелова награда за мир со тоа стана и најмладиот гласник на мирот на ОН, што е најголемата почест којашто оваа меѓународна организација ја доделува секоја втора година.
Гутереш изјави дека за него претставува исклучително задоволство да ја именува Малала Јусуфзаи за гласник на мирот, а во таа пригода ја пофали нејзината скромност, нарекувајќи ја фантастичен пример на пријателство и едноставност.
Малала во својот говор истакна дека образованието е право на секое дете, вклучително и за девојчињата, и дека тоа право не смее да се занемари.
„Екстремистите сторија сѐ за да ме спречат. Се обидоа да ме убијат и не успеаја. Ова сега е нов живот, втор живот, и за мене тоа е целта на образованието“, изјави Малала.
Девојката од Пакистан стана позната кога на 9 октомври 2012 година, талибанците ја нападнаа во автобус, на враќање од училиште. Маскирано машко лице влегло во автобусот и го прашало девојчето како се вика, по што отворил оган врз неа. Малала беше ранета во главата, вратот и во рамото.
Таа беше хоспитализирана, а кратко по нападот е префрлена на лекување во Велика Британија. Лекувањето го заврши во 2013 година, по што со семејството се пресели во Бирмингем и таму го продолжи образованието.
Нобеловата награда за мир ја освои во 2014 година, кога имаше 17 години, а Фондот што го носи нејзиното име продолжува да реализира проекти за девојчињата во земјите во развој да можат да одат на училиште.