Hajer M'tırı
05 Октомври 2017•Ажурирај: 05 Октомври 2017
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон се понуди да биде посредник во преговорите меѓу официјален Багдад и Ербил, со цел да се надмине кризата предизвикана од одржувањето на нелегитимниот референдум за независност во Регионалната курдска управа во северен Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Макрон денес во Елисејската палата го прими ирачкиот премиер Хајдар ал Абади, а по состанокот порача дека Франција ја поддржува територијалната целовитост на Ирак.
„Франција сака да види стабилизација во Ирак. Имаме добри односи и со ирачките Курди. Ја разбираме нивната положба и правата кои мораат да бидат остварени во согласност со ирачкиот Устав“, порача Макрон.
Макрон нагласи дека дијалогот меѓу ирачката Влада и Курдската регионална управа е единствениот начин за решавање на актуелната криза во таа земја, и дека Франција е подготвена да посредува во тој процес.
Премиерот на Ирак, Ал Абади, повтори дека на 25 септември, во северен Ирак се одржа нелегитимен референдум, и порача дека суверенитетот и целовитоста на Ирак се загарантирани со уставот на таа земја.
Истакнувајќи дека не сака да има судири меѓу ирачките сили и курдските пешмерги, Ал Абади ги повика курдските вооружени сили да ја продолжат соработката со федералните ирачки сили во кризните подрачја како Киркук.
Со еднострана одлука на Регионалната курдска управа во северен Ирак, на 25 септември беше одржан нелегитимен референдум за независност на тој регион, кој наиде на остро противење на целата меѓународна заедница, вклучувајќи ги Турција и Иран.