Şeyma Erkul Dayanç
21 Јули 2026•Ажурирано: 21 Јули 2026
НАТО би распоредил дополнителни воени сили во Литванија доколку регионалната безбедносна ситуација стане критична, изјави денес висок советник на литванскиот претседател, пренесува Анадолу.
„Ако сите индикатори покажат дека ситуацијата е критична, немам сомнение дека ќе бидат доделени дополнителни сили и капацитети за противвоздушна одбрана“, објави јавниот сервис ЛРТ, повикувајќи се на Дејвидас Матулионис, главен советник за национална безбедност.
Матулионис ја отфрли можноста дека Русија се подготвува за воена инвазија на некоја земја членка на НАТО.
„Секако нема никакви информации за трупање војска на нашата граница, така што прашањето за воена инвазија е отфрлено; веројатноста за такво нешто е рамна на нула“, рече Матулионис.
Тој додаде дека литванските власти ги преземаат сите неопходни чекори „за да се осигурат дека такви дејства нема да бидат извршени на нашата територија“.
Матулионис нагласи дека НАТО сериозно ги сфаќа предупредувањата за зголемен ризик од руски активности насочени кон Балтичкиот Регион и другите делови на Европа во следните месеци.
Тој посочи дека таквите акции би можеле да се движат од таканаречени операции под лажно знаме чија цел е да ја префрлат вината врз Украина, па сè до акти на саботажа слични на оние што беа забележани низ Европа во последните години.