Лидерите на Германија, Франција, Полска и Обединетото Кралство пристигнаа во Украина
– Лидерите на европските земји планираат во главниот град Киев да преговараат за 30-дневен прекин на огнот меѓу Русија и Украина
МОСКВА (АА) – Лидерите на Германија, Франција, Полска и Обединетото Кралство пристигнаа денес во Киев, главниот град на Украина, за да одржат разговори со претседател Владимир Зеленски, известува Анадолу.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Киер Стармер допатуваа со воз до главниот град на Украина, каде што беа пречекани од шефот на претседателската канцеларија Андриј Јермак и министерот за надворешни работи Андриј Сибиха, пренесоа локалните медиуми.
Францускиот претседател на платформата Х објави заедничка фотографија со Мерц, Стармер и Туск. Претходниот ден тој ја изрази својата посветеност да „изгради траен мир“ во Украина.
Европските земји и САД претходно соопштија дека работат на нацрт-предлог за 30-дневен прекин на огнот во војната меѓу Русија и Украина, која сега влегува во четвртата година. Сепак, изворите посочуваат дека иницијативата сè уште не добила целосно одобрување и дека работата на неа ќе продолжи на денешниот состанок во Киев.
Рускиот претседател Владимир Путин ја поддржа идејата за 30-дневен прекин на огнот, но, повикувајќи се на претходно искуство, тој изрази загриженост дека Украина може да ја искористи паузата за да ги зајакне своите позиции и инсистираше запирањето на испораката на оружје од Западот задолжително да биде дел од договорот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
