Mohammad Sio
25 Јуни 2026•Ажурирано: 25 Јуни 2026
Лидерот на израелската опозиција, Авигдор Либерман, денес предупреди дека премиерот Бенјамин Нетанјаху ја вовлекува земјата во „граѓанска војна“ во обид да остане на власт, пренесува Анадолу.
„Владата (на Бенјамин Нетанјаху) ја вовлекува Државата Израел во граѓанска војна – само за да се задржи на власт уште неколку дена“, напиша Либерман, претседател на опозициската партија „Израел бејтену“ (Израел наш дом), на американската компанија за социјални медиуми Х.
Тој ги даде овие коментари еден ден откако илјадници ултраортодоксни Евреи (Хареди) со конвои возила од 19 града пристигнаа пред Воениот затвор бр.10 во Кфар Јона, протестирајќи поради притворањето на припадниците на оваа заедница што избегнуваат регрутација.
Либерман, кој е поранешен министер за одбрана, објави фотографија на која се гледа полициски службеник опколен од голема толпа демонстранти од заедницата на Харедите.
„Глетките што ги видовме вчера се национален срам. Полициски службеник што моли за својот живот пред разбеснета толпа е директен резултат на Владата што избегнува одговорност, која им дава поддршка на оние што ја избегнуваат службата и го нарушува владеењето на правото“, рече тој.
Харедите сочинуваат околу 13 отсто од населението на Израел, кое брои повеќе од 10 милиони луѓе, а долго време бараат изземање од задолжителната воена служба, тврдејќи дека се посветуваат на проучувањето на Тората.
Во јуни 2024 година Врховниот суд на Израел пресуди дека мажите од заедницата на Харедите подлежат на задолжителна воена служба и нареди прекин на државното финансирање за верските институции чии студенти одбиваат регрутација.
Во вторникот Нетанјаху постигна разбирање со лидерите на партиите на Харедите за одложување на гласањето за распуштање на Кнесетот во замена за унапредување на законите што тие ги поддржуваат, вклучително и предлог-законот со кој Харедите се изземаат од воена служба и се спречува приведувањето на оние што избегнуваат регрутација, јавуваат израелските медиуми.
Според опозицијата, Нетанјаху настојува да спречи одржување предвремени избори пред завршувањето на мандатот на сегашниот Кнесет во октомври.