Melike Pala
25 Јуни 2026•Ажурирано: 25 Јуни 2026
Кралскиот метеоролошки институт на Белгија (РМИ) денес издаде редок црвен аларм за топлотен бран за источните провинции Лиеж и Лимбург, со оглед на тоа што се очекува температурите во делови од земјата да се приближат до 40 Целзиусови степени, јавува Анадолу.
Давид Дехенау, раководител на Секторот за временска прогноза во РМИ, изјави дека неколку метеоролошки модели укажуваат на тоа дека температурите во некои области на Лиеж и Лимбург би можеле да достигнат 40 степени.
Црвен аларм се издава кога температурите ќе достигнат нивоа што се сметаат за опасни по јавното здравје и безбедност, при што е потребно да се преземат превентивни мерки и да се има поголемо внимание.
РМИ првпат издаде вакво предупредување на ниво на целата земја во јули 2019 година, а потоа повторно за поголем дел од земјата во текот на летото 2020 година, во екот на пандемијата на КОВИД-19.
Властите им препорачаа на жителите да пијат многу течности, да го контролираат внесувањето сол, често да се одмораат, да престојуваат во разладени простории, да користат влажни крпи во случај на дехидрација и да избегнуваат директна изложеност на сончева светлина.
И покрај црвениот аларм, белгиската Федерална јавна служба за јавно здравје соопшти дека во моментов нема планови за повторно свикување на Групата за управување со ризици, јави телевизијата ВРТ.
Оттаму посочуваат дека Групата за управување со кризи уште во текот на неделава го активирала алармот за заштита од високи температури и загадување со озон. Состојбата е оценета како „вонредна“, но засега не се воведуваат рестриктивни мерки на ниво на целата земја.
Здравствените власти упатија заеднички апел до граѓаните да бидат повнимателни за време на јавните настани, особено за ранливите групи, вклучителнио и малите деца, постарите лица, бремените жени и луѓето со хронични здравствени состојби.
„Топлотниот бран во петок и за време на викендот ќе биде со вонреден интензитет“, се наведува во соопштението на Герлант Ван Берлаер, главен медицински службеник во Министерството за здравство.
Тој ги повика ранливите лица внимателно да проценат дали да учествуваат во активности на отворено, предупредувајќи дека „подобро е да се прескокне некоја активност отколку да се преземаат непотребни ризици на оваа топлина“.
Хируршките операции, исто така, привремено беа прекинати во болницата „АЗ Синт-Лукас“ во Гент и во Универзитетската болница во Антверпен во Едегем откако дефект влијаеше врз нивните електронски системи за досиеја на пациенти.
Централниот сервер, каде што се чуваат сите медицински податоци, се наоѓа во Париз и е прегреан.