Elena Teslova
18 Април 2025•Ажурирај: 22 Април 2025
МОСКВА (АА) - Русија денес изрази подготвеност да помогне на кој било начин во индиректните нуклеарни преговори меѓу САД и Иран, јавува Анадолу.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров ја потврди подготвеноста на Русија да помогне во процесот, нудејќи ја поддршката на Москва во секој капацитет што е корисен за Техеран и прифатлив за Вашингтон.
„Подготвени сме да помогнеме, да посредуваме и да ја преземеме секоја улога која Иран ја смета за корисна, а САД за прифатлива,“ изјави Лавров на прес-конференција по средбата со неговиот ирански колега во Москва.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, исто така, изјави дека Техеран забележал одредено ниво на сериозност во пристапот на Вашингтон за време на првата рунда разговори што се одржаа минатиот викенд во Оман, насочени кон решавање на прашањата поврзани со нуклеарната програма на Иран.
Тој нагласи дека, поради постојаните закани од американската влада, вклучувајќи ги економските санкции и политиката на „максимален притисок“, директни преговори со Вашингтон засега не се можни.
„За време на првата рунда преговори забележавме извесна сериозност и подготвеност од другата страна да се фокусира исклучиво на нуклеарното прашање, што може да отвори простор за конструктивен дијалог,“ рече Аракчи.
Тој додаде дека го информирал Лавров за текот на разговорите, нагласувајќи дека Иран е заинтересиран за дипломатско решение.
„Во моментов ќе водиме само индиректни преговори. Но дипломатскиот пат е отворен. Iндиректните разговори не се ништо неочекувано или тешко и можно е да се постигнат договори,“ истакна тој.
Инаку, Иран и светските сили во 2015 година потпишаа нуклеарен договор, со кој беа предвидени ограничувања на нуклеарните активности на Техеран во замена за укинување на санкциите.
САД, под водство на претседателот Доналд Трамп, еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година.
Втората рунда разговори е закажана за оваа сабота во Рим.