Dmitri Chirciu
27 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, зборувајќи дека одговорот на Соединетите Американски Држави (САД) за безбедносните прашања на Москва не е позитивен, рече: „Во документот има ветувачки одговори дека ќе започнат сериозни консултации за прашањата од секундарниот план“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавров даде изјава во врска со писмениот одговор на САД за безбедносните предлози на Русија.
„Во документот има ветувачки одговори дека ќе започнат сериозни консултации за секундарни прашања. За најважното прашање во документот нема позитивна реакција“, рече Лавров за содржината на одговорот на САД.
Посочувајќи дека за Русија е важно НАТО да не напредува кон исток, Лавров рече:
„Постојат два важни меѓусебно поврзани пристапи во нашите предлози: во првиот се признава правото на секоја држава слободно да избира воени сојузи. Во вториот се вели дека должност на секоја држава е да не ја зајакнува сопствената безбедност на сметка на безбедноста на другите. За овој принцип не се зборува намерно.“
Лавров укажа дека Западот постапува „итро“ во однос на ова прашање, и рече дека ги анализирале одговорите што пристигнале од САД.
За тоа дали одговорот ќе биде споделен со јавноста или не, Лавров рече: „Мислам дека јавноста наскоро ќе ја дознае содржината на одговорот. Нашите американски колеги ни рекоа дека содржината на овој одговор е договорен со сите нивни сојузници и со украинската страна. Нема сомнеж дека одговорите наскоро ќе протечат.“
- „И од НАТО добивме одговор за безбедносните предлози“ -
Потврдувајќи дека и од НАТО добиле одговори за безбедносните предлози, Лавров додаде: „Ги гледаме двата документи како една целина. По консултациите меѓу институциите, овие одговори ќе му ги претставиме како извештај на рускиот претседател Владимир Путин. Путин ќе одлучи за нашите следни чекори.“