Кина ги критикува САД за „произволно запленување“ на бродови на Кариби и ја изразува својата поддршка за Венецуела
- „Практиката на САД за произволно запленување пловни објекти на други земји грубо го нарушува меѓународното право“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, на прес-конференцијата во Пекинг.
ИСТАНБУЛ (АА) – Кина денес остро ги критикуваше САД за, како што наведе, „произволно запленување“ пловни објекти на други држави во Карипскиот Регион, во услови на зголемени тензии и ја прошири својата поддршка за Венецуела, јавува Анадолу.
„Практиката на САД за произволно запленување пловни објекти на други земји грубо го нарушува меѓународното право“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, на прес-конференцијата во Пекинг.
„Кина се спротивставува на едностраните, незаконски санкции што немаат основа во меѓународното право или немаат овластување од Советот за безбедност на Обединетите нации“, рече Лин.
Реакцијата од Пекинг доаѓа во момент кога американските сили наводно следат уште еден венецуелски нафтен танкер во Карипското Море и, доколку биде запленет, би бил трет пловен објект пресретнат од 10 декември наваму.
Според извештај на „Блумберг“, операцијата на американската крајбрежна стража е насочена кон танкерот „Бела 1“, брод под панамско знаме, санкциониран од САД, кој плови кон Венецуела за да натовари нафта.
Инцидентот следува по запленувањето на супертанкерот „Сентурис“ во саботата и бродот „Скипер“ на 10 декември.
Настаните се случуваат во услови на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Каракас откако американскиот претседател Доналд Трамп прогласи „целосна и комплетна блокада“ на санкционираните нафтени танкери што влегуваат или ја напуштаат Венецуела.
Венецуела ги осуди дејствата на САД како „меѓународно пиратство“.
Вашингтон, пак, тврди дека мерките се насочени кон борба против корупцијата и трговијата со дрога, додека Каракас ги обвинува САД дека ги користат антинаркотичките операции како изговор за соборување на претседателот Николас Мадуро и преземање контрола врз венецуелските нафтени ресурси.
„Се спротивставуваме на секој потег што ги крши целите и принципите на Повелбата на ОН и ги нарушува сувереноста и безбедноста на другите држави, како и на сите облици на едностраност и заплашување“, истакна Лин.
Тој додаде дека Венецуела има право самостојно да развива заемно корисна соработка со други земји и дека Кина верува оти меѓународната заедница може да ја разбере и поддржи позицијата на Венецуела во одбраната на сопствените права.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
