Erkan Avci
05 Август 2016•Ажурирај: 06 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Џон Кери ги негираше тврдењата дека неговата земја му платила на Иран откуп од 400 милиони долари за ослободување на четворица американски државјани, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Волстрит журнал” пред неколку дена, повикувајќи се на неименувани европски и американски официјални лица, објави дека САД во јануари 2016 година, на Иран му платил откуп од 400 милиони долари за ослободување на четворица американски државјани, меѓу кои и новинарот на „Вашингтон пост”, Џејсон Резаијан.
Кери, кој престојува во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, ги негираше тврдењата и рече дека 400-те милиони долари немаат врска со никаков откуп, ниту со нуклеарниот договор постигнат со Иран.
„САД не дава откуп, ниту преговара за откуп. Тоа не е наша политика”, порача Кери.
Тој рече дека се работи за пари кои Иран му ги платил на САД уште во 1979 година поради купување воени авиони, и дека поради избивање на револуцијата во таа земја авионите никогаш не биле испорачани.
Тој додаде дека парите му се исплатени на Иран според одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, но не даде информација кога точно му се исплатени 400-те милиони евра на Иран.
Американскиот државен секретар, Џон Кери, на 17 јануари изјави дека на Иран ќе му бидат исплатени 400 милиони долари кои биле замрзнати од 1981 година, пари кои оваа земја ги исплати за купување на воен авион. Вкупната цифра со камата која треба да му биде исплатена на Иран изнесува 1,7 милијарди долари.
Внимание привлече тоа што истиот ден, 17 јануари, се пуштени на слобода и четворицата Американци. Тогаш иранските медиуми пишуваа дека уплатата всушност се однесува на надомест за ослободување на американските граѓани.
Меѓу ослободените затвореници се наоѓа дописникот на „Вашингтон пост” од Техеран, Џејсон Резаијан, американскиот војник Емир Хикмети, свештеникот Саид Абидини и Нусретула Хусреви.