Muhammed Enes Çallı
25 Октомври 2023•Ажурирај: 26 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Шефот на катарската дипломатија, шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал Тани изјави дека Катар го цени ставот на Република Туркије за поддршка на правата на Палестинците, јавува Анадолу.
„Во оваа криза ние целосно ги отфрламе двојните стандарди. Убиството на цивили не може да се осуди од една страна, а од друга страна да се оправда“, рече Ал Тани на прес-конференцијата во Доха по средбата со турскиот колега Хакан Фидан.
Осудувајќи ја израелската политика на колективно казнување насочена кон блокираниот Појас Газа, Ал Тани рече дека Катар има непоколеблив став против нападите врз цивилите, без разлика на која страна се тие.
„Не може да најдеме доволно гласови 'за' за да се стави крај на репресијата на луѓето што живеат во Појасот Газа. Прашањето за хуманитарната помош се политизира и се претвора во алатка за санкции“, рече тој.
Ал Тани ги осуди неодамнешните изјави на израелските официјални лица насочени против Катар и ги смета за провокативни.
„Сите страни вклучени во кршењето на меѓународното право мора да одговараат“, рече Ал Тани.
Тој истакна дека Катар ќе продолжи со напорите за ослободување на затворениците што ги држи Хамас во Газа.
Ал Тани, исто така, истакна дека израелските напади врз училиштата и болниците во Газа претставуваат политика на колективно казнување.
„Заедно со Република Туркије, Катар ја нагласува потребата да се достави помош во Појасот Газа и да се спречи принудното раселување на локалното население“, заклучи Ал Тани.