Катар: Преговорите за продолжувањето на хуманитарната пауза во Газа сѐ уште се во тек
Катарското МНР „изразува длабоко жалење поради продолжувањето на израелската агресија врз Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза, без да се постигне договор за нејзино продолжување“.

КАИРО (АА) - Катар денес соопшти дека преговорите меѓу израелската и палестинската страна за продолжување на хуманитарната пауза во Газа сѐ уште се во тек, јавува Анадолу.
Министерството за надворешни работи соопшти дека Катар „изразува длабоко жалење за продолжувањето на израелската агресија врз Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза, без да се постигне договор за нејзино продолжување“.
Министерството потврди дека „преговорите меѓу двете страни продолжуваат со цел да се вратат во состојба на пауза“.
Исто така, се појаснува дека Катар е посветен, заедно со своите партнери за посредување, да ги продолжи напорите што доведоа до хуманитарна пауза и нема да се двоуми да направи сѐ што е потребно за да се врати смиреноста.
Министерството нагласи дека „постојаното бомбардирање на Појасот Газа во првите часови по завршувањето на паузата ги отежнува напорите за посредување и ја влошува хуманитарната катастрофа во Појасот“.
Упатен е апел „меѓународната заедница да се придвижи брзо за да го запре насилството“.
Катар ја повтори својата „осуда на сите форми на целење кон цивилите, практиката на колективно казнување и обидите за присилно раселување на граѓаните од опколениот Појас Газа, како и барањето за итен прекин на огнот и обезбедување континуиран и непречен проток на хуманитарни конвои и хуманитарна помош“.
Најмалку 32 Палестинци загинаа, а неколку други се повредени во израелските воздушни напади врз блокираниот Појас Газа во рок од три часа по завршувањето на хуманитарната пауза утринава, соопшти палестинското Министерство за здравство во Газа.
Хуманитарната пауза меѓу Израел и Хамас, што стапи на сила на 24 ноември, заврши утринава.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.