Barış Seçkin
23 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
РИМ (АА) - Шефот на италијанската дипломатија, Луиџи ди Мајо, порача дека Италија во потполност ја поддржува интеграцијата на Албанија, Северна Македонија и целиот Западен Балкан во Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Албанскиот премиер Еди Рама, во рамките на официјалната посета на Рим се состана со италијанскиот премиер Џузепе Конте, а потоа и со шефот на италијанската дипломатија, Ди Мајо.
По завршувањето на средбата од Кабинетот на Ди Мајо е објавено соопштение во кое се наведува дека италијанско-албанските односи пред десет години се подигнати на стратешко ниво и дека и понатаму се интензивираат.
Во соопштението на Ди Мајо се наведува дека Италија во потполност го поддржува процесот на интеграции на Албанија и Северна Македонија, и на целиот Западен Балкан во Европската Унија.
„Италија и на мартовската седница на Европскиот совет на највисоко ниво ќе продолжува да вложува напори во што поскорашен позитивен исход на процесот на интеграција на Албанија и Северна Македонија во Европската Унија“, порача Ди Мајо.
Ди Мајо уште еднаш оддаде почит на жртвите од разорниот земјотрес кој во Албанија се случи на 26 ноември минатата година и најави дека Италија ќе ја поддржи и Донаторската конференција која на 17 февруари во Брисел ќе биде одржана со цел собирање средства за обнова на урнатите објекти и инфраструктурата како последица на земјотресот во Албанија.