Necva Taştan Sevinç
01 Јуни 2026•Ажурирано: 01 Јуни 2026
Повеќе од еден милион луѓе во регионот на Париз живеат во подрачја кои се директно изложени на ризик од големи поплави, слични на историските поплави на реката Сена од 1910 година, покажува истражувањето објавено денес од страна на Институтот за планирање и урбан развој на регионот Ил де Франс, пренесува Анадолу.
Истражувањето открива дека повеќе од еден милион жители, што претставува над 8 отсто од вкупното население на регионот Ил-де-Франс, се изложени на сериозни поплави предизвикани од излевањето на реките Сена и Марна.
Речиси 555.000 домаќинства, претежно станбени згради, се лоцирани во подрачја склони кон поплави, се наведува во истражувањето, со предупредување дека бавното покачување на нивото на реките во регионот сепак би можело да предизвика големи нарушувања и штети.
Наодите ја нагласуваат потребата од идентификување и информирање на ранливите категории население за ризиците од поплави, особено во поглед на катастрофалната поплава на Сена од јануари 1910 година, кога нивото на водата се покачи за повеќе од еден метар и остави бројни населби поплавени со недели.
Париз и неговите внатрешни предградија опфаќаат повеќе од 70 отсто од населението коешто е потенцијално изложено на големи поплави, се вели во истражувањето.
15-тиот арондисман на Париз има најголем број жители изложени на ризик, со речиси 70.000 луѓе кои живеат во ранливите подрачја, во најголем дел околу населбата Богренел на бреговите на Сена.
Општината Алфорвил, југоисточно од Париз, пропорционално е најизложената заедница во регионот, со околу 45.000 жители што се под ризик од поплави. Други високоизложени општини се Аниер-сур-Сен, Женевилиер, Коломб и Кретеј.
Според истражувањето, повеќе од 100.000 домови се изградени во зоните склони кон поплави од воведувањето на првите планови за превенција од ризик од поплави во раните 2000-ти години.
Иако плановите во ограничувањето на урбаната експанзија во високоризичните подрачја се покажаа како ефикасни, во истражувањето се наведува дека зголемената населеност во зоните склони кон поплави и понатаму останува предизвик.
Истражувањето исто така предупредува дека жителите кои живеат на повисоките катови нема да бидат имуни на последиците од големи поплави, наведувајќи ги потенцијалните прекини во снабдувањето со електрична енергија, чиста вода за пиење и транспортните мрежи.
Одделни проекции на Парискиот институт за урбанистичко планирање проценуваат дека поплава од размерите на катастрофата од 1910 година би можела да погоди 600.000 луѓе низ поширокото метрополитенско подрачје на Париз, да остави 5 милиони жители без вода за пиење и да го прекине снабдувањето со електрична енергија за еден милион луѓе.