Riyaz Khaliq Khaliq
08 Април 2026•Ажурирај: 08 Април 2026
Кина, Русија, Турција и Пакистан може да работат заедно за гаранција на мирот во регионот, изјави денес иранскиот амбасадор во Пекинг неколку часа по објавувањето на привремениот прекин на огнот меѓу Техеран и Вашингтон, јавува Анадолу.
„Се надеваме дека разни страни ќе можат да гарантираат дека САД нема да ја продолжат војната“, изјави Абдолреза Рахмани Фазли пред новинарите во Пекинг.
„Ние се надеваме дека Советот за безбедност на ОН, големите земји, како Кина и Русија, како и земјите посредници, како Пакистан и Турција, ќе соработуваат за да го гарантираат мирот во регионот“, изјави Фазли, пренесува дневниот весник „Саут Чајна морнинг пост“.
„Се надеваме дека војната може да запре и дека прекинот на огнот може да продолжи, но ни треба и цврста гаранција”, додаде тој.
Изјавата е дадена неколку часа по индиректните преговори меѓу САД и Иран, водени со посредство на Пакистан, кои резултираа со двонеделен прекин на огнот.
Голем број земји го поздравија договорот за прекин на огнот.
Имено, Кина и Русија вчера ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која се повикуваше на координирани „одбранбени” мерки за да се осигура слободната пловидба низ Ормускиот Теснец.
Регионалните ескалации се интензивираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа над 1.400 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата и нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.
Најмалку 12 американски војници се убиени, а десетици се повредени за време на конфликтот.