Rania R.a. Abushamala
22 Јуни 2026•Ажурирано: 22 Јуни 2026
Иран ќе испрати свој претставник во рамки на новиот механизам што се очекува да биде воспоставен за следење на прекинот на огнот во Либан, објави денес полудржавната новинска агенција „Мехр“, пренесува Анадолу.
Повикувајќи се на изјави од иранската преговарачка делегација, „Мехр“ наведува дека учеството на Техеран во механизмот за надзор на прекинот на огнот произлегува од договорите постигнати за време на преговорите што се одржаа во Швајцарија вчера меѓу Техеран и Вашингтон, на кои се разговараше за спроведување на нивниот Меморандум за разбирање.
Иран „стана дел од безбедносната равенка во Либан“ и ќе испрати претставник во механизмот задолжен за следење на прекинот на огнот, објави „Мехр“.
„Израел нема да биде дел од механизмот“, пренесува агенцијата.
Сегашниот механизам за надзор на прекинот на огнот е составен од САД, Либан, Израел и мировните сили на ОН (УНИФИЛ). Овој механизам не успеа да ги запре тековните израелски напади врз Либан.
Во јужен Либан од вчера наутро владее релативен мир, во екот на преговорите меѓу САД и Иран што се одржаа во Швајцарија.
Во израелската воена офанзива во Либан од 2 март загинаа повеќе од 4.000 лица, ранети беа над 12.000 и раселени се повеќе од еден милион жители, соопштија либанските власти.
Израел окупира области во јужен Либан, некои со децении, а други од претходната војна во период меѓу 2023 и 2024 година.
- Сообраќајот низ Ормускиот Теснец -
Новинската агенција „Мехр“ ја оцени одлуката за воспоставување механизам за безбедност на пловењето низ Ормускиот Теснец како „зацврстување на суверенитетот на Иран“ над овој стратегиски воден пат.
Според медиумот, доколку се спроведе член 13 од Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, преговорите меѓу САД и Иран би започнале преку три посебни работни групи кои ќе расправаат за нуклеарното прашање, санкциите и механизмите за надзор.
Членот 13 повикува на преговори за конечен договор по спроведувањето на членовите од Меморандумот за ставање крај на војната на сите фронтови, вклучително и во Либан, укинување на американската блокада на иранските пристаништа, повторно отворање на Ормускиот Теснец за поморски сообраќај, укинување на санкциите против Иран и ослободување на неговите замрзнати средства.
Новинската агенција исто така објави дека Иран и Катар потпишале Меморандум за разбирање во врска со ослободувањето на замрзнатите ирански средства.
Засега нема коментар од Катар во врска со ова известување.
Претходно, катарските и пакистанските посредници соопштија дека разговорите меѓу Иран и САД се воделе во „позитивна и конструктивна атмосфера“ и дека донеле „охрабрувачки напредок“.
Посредниците наведоа дека страните се договориле за неколку механизми со цел унапредување на преговорите кон конечен договор, вклучувајќи формирање на Комитет на високо ниво, основање технички работни групи и Мапа на патот од 60 дена за постигнување конечен договор.
Техничките преговори за отворените прашања се очекува да продолжат кон крајот на оваа недела.