Şahin Demir
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
Иранскиот воен штаб „Хатам ал-Анбија“ рано утринава објави дека целосно се затвора Ормускиот Теснец за сите бродови, во време на ескалација на тензиите и непријателствата во регионот, пренесува Анадолу.
Вo соопштението пренесено од иранската државна телевизија, штабот наведе дека стратегискиот воден пат е затворен за целиот сообраќај, вклучително и за нафтени танкери и комерцијални бродови, поради она што го опиша како небезбедност во регионот.
Оттаму предупредија дека „секое движење“ низ Теснецот ќе биде цел на напад.
Во соопштението се вели дека одлуката е донесена по она што беше опишано како континуирана „американска агресија“ и неодамнешните напади на САД врз области во иранската јужна провинција Хормозган.
„Хатам ал-Анбија“, исто така, ги демантираше тврдењата на САД во врска со континуираниот премин на бродови низ Теснецот.
Одделно, Управата за управување со водениот пат во Персискиот Залив (ПГСА) во објава на американската компанија за социјални медиуми Х соопшти дека Ормускиот Теснец ќе остане затворен до дополнително известување.
„Поради тензиите предизвикани од агресорските сили на САД во регионот и соопштението издадено од Иранските вооружени сили синоќа, Ормускиот Теснец ќе остане затворен до дополнително известување“, соопшти Управата.
Оттаму додадоа дека барателите кои веќе добиле дозволи за транзит треба да останат трпеливи и да ги чекаат понатамошните упатства од Управата.
Ова се случува откако иранските медиуми известија за експлозии, активност на противвоздушната одбрана и воздушни напади во делови на јужен Иран, вклучувајќи ги Бандар Абас, Минаб, Џаск, Кешм и Сирик.
Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) претходно објави дека американските сили извршиле дополнителни напади за „самоодбрана“ врз повеќе цели во Иран.