Serdar Dincel
15 Јуни 2026•Ажурирано: 15 Јуни 2026
Иран денес соопшти дека ниеден договор со САД нема да биде одржлив „без сеопфатна гаранција за безбедноста и територијалната независност на Либан“, пренесува Анадолу.
„Тоа што Либан се споменува трипати во неодамнешниот меморандум за разбирање, јасно ја потврдува клучната улога на оваа држава во мировниот процес“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Есмаил Бакаи за новинарите, пренесува полудржавната новинска агенија Тесним.
„Воспоставувањето прекин на огнот и ставањето крај на војната во Либан е составен дел од сеопфатниот договор за завршување на војната“, додаде тој.
Портпаролот нагласи дека ослободувањето на замрзнатите средства на Иран и компензацијата за воените загуби се „два важни економски приоритета“ во меморандумот постигнат со Вашингтон.
„Соединетите Американски Држави се обврзани да ги поништат сите примарни и секундарни санкции, резолуциите на Советот за безбедност и на нуклеарната агенција“, додаде тој.
Деталите во врска со нуклеарните и економските прашања ќе бидат финализирани во рок од 60 дена од потпишувањето на договорот, рече Бакаи, додавајќи дека откако меморандумот ќе биде потпишан во петок, сите постојни ограничувања за продажба на иранска нафта, нафтени деривати и петрохемикалии „ќе бидат веднаш укинати“.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, чија земја го предводеше посредувањето меѓу Вашингтон и Техеран, утринава објави дека САД и Иран постигнале мировен договор и дека церемонијата на потпишување ќе се одржи во Швајцарија во петок.