Rania R.a. Abushamala
08 Јули 2026•Ажурирано: 08 Јули 2026
Најмалку 10 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа денес, што претставува најново прекршување на постојниот договор за прекин на огнот, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Еден Палестинец е убиен, а двајца се повредени кога израелско беспилотно летало погоди цивилно возило западно од градот Газа, изјави медицински извор за Анадолу.
Двајца Палестинци се убиени во напад со израелско беспилотно летало врз група цивили на улицата „Ал-Ојун“ во населбата Шеик Радван во градот Газа.
Шестгодишно дете им подлегна на повредите добиени од израелскиот оган во населбата Зеитун, јужно од градот Газа.
Во јужниот дел на Газа, четворица Палестинци, меѓу кои татко, неговиот син и уште едно дете, се убиени, а 10 лица се повредени во израелски воздушен напад врз шатор во кој се наоѓале раселени лица во областа Ал-Маваси, западно од Кан Јунис.
Друг медицински извор соопшти дека возач на камион со хуманитарна помош бил застрелан во глава од страна на израелските сили во Рафа, јужна Газа, а неговото тело е пренесено во болницата „Насер“ во Кан Јунис.
Локалните извори велат дека жртвата, Ахмад Насер Ислим, бил застрелан додека чекал во својот камион да натовари хуманитарна помош.
Осумгодишно дете им подлегна на повредите добиени синоќа при израелски напад врз цивилно возило во населбата Сабра во градот Газа, додаде истиот извор.
Во меѓувреме, Цивилната заштита на Газа соопшти дека една жена е повредена од оган од израелски воени чамци западно од градот Газа.
Не беа дадени детали за сериозноста на нејзината повреда.
Во централниот дел на Газа, израелската Армија истрела неколку артилериски гранати кон источните и јужните делови на бегалскиот камп Буреиџ, информираа локални извори и очевидци.
Израелски возила отворија оган и кон шатори со раселени лица во Ал-Маваси, северозападно од Рафа, но нема информации за повредени лица.
Од стапувањето во сила на прекинот на огнот на 10 октомври 2025 година, според податоците на Министерството за здравство во Газа, во израелските напади се убиени најмалку 1.084 Палестинци, а повредени се 3.491 лице.
Израелската Армија од октомври 2023 година има убиено повеќе од 73.000 Палестинци и повредено над 173.000 во смртоносната офанзива, која предизвика и широко распространето уништување, оштетувајќи околу 90 отсто од цивилната инфраструктура.