Diyar Güldoğan
08 Септември 2023•Ажурирај: 09 Септември 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индија е подготвена за дводневниот самит на лидерите на групата Г-20 во главниот град Њу Делхи, кои ќе се состанат на разговори на темата „Една Земја, едно семејство, една иднина“, јавува Анадолу.
За време на самитот, лидерите на Г-20, во отсуство на рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Ѓинпинг, ќе разменат мислења во рамките на три сесии, со надеж дека ќе постигнат напредок во областа на трговијата, климата и другите глобални проблеми.
Самитот ќе се одржи во новоотворениот конференциски центар „Прагати Мајдан“ во културниот коридор „Бхарат Мандапам“.
Г-20 е меѓувладин форум кој првенствено се фокусира на економски прашања и е составен од 20-те најголеми светски економии - 19 земји и Европската Унија (ЕУ). Г-20 игра важна улога во обликувањето и зајакнувањето на глобалната архитектура и менаџирање на сите главни меѓународни економски прашања.
Земји членки на Г-20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Туркије, Велика Британија и Соединетите Американски Држави (САД).
Покрај членовите, мандатниот претседавач Индија ги покани и лидерите на Бангладеш, Холандија, Нигерија, Египет, Маурициус, Оман, Сингапур, Шпанија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Покрај меѓународните организации како што се Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, Индија како гости ги покани и членовите на Меѓународната соларна алијанса, Коалицијата за инфраструктура отпорна на катастрофи и Азиската банка за развој.
Г-20 е исто така блиску до договор за прием на Африканската унија, блок од 55 земји, како членка на групата.