Ekip
30 Јануари 2022•Ажурирај: 31 Јануари 2022
ТУБАС
Израелските сили урнаа уште една палестинска куќа во последните рушења во окупираниот Западен Брег, соопшти официјален локален претставник, известува Агенција Анадолија (АА).
„Куќата е урната во селото Ал-Акаба во северниот дел на Западниот Брег, во подрачјето Ал Агвар во долината Јордан“, рече Моатаз Бишарат, кој ја следи изградбата на израелските населби во Тубас.
Додаде дека израелските сили како причина за уривањето го навеле немањето градежна дозвола во зоната „Ц“.
Израелските сили под бројни изговори ги рушат станбените објекти во Источен Кудс (Источен Ерусалим) и на Западниот Брег.
Палестинските и израелските делегации во 1995 година потпишаа таканаречен „Втор договор од Осло“, според кој окупираниот Западен Брег е поделен во три зони.
Зоната „А“ се простира на 18 % од територијата на Западниот Брег и во неа административна и безбедносна власт имаат Палестинците. Зоната „Б“ сочинува 21 % од Западниот Брег и во неа се поделени административните и безбедносните ингеренции. Третата и најголема зона „Ц“ покрива 61 % од Западниот Брег и во потполност е под контрола на Израел.