Mustafa M. M. Haboush,Gülşen Topçu
03 Ноември 2021•Ажурирај: 04 Ноември 2021
РАМАЛАХ
Израелските сили спречија делегација од повеќе од 20 дипломати да влезе во една улица при посетата на градот Ел Халил (Хеброн) во јужниот дел на окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Комитетот за реконструкција на Ел Халил, во соработка со Канцеларијата за преговарачки прашања на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), организира прошетка со учество на повеќе од 30 амбасадори и конзули од над 20 земји, со цел од самото место да ги информираат за случувањата во регионот и да им ги објаснат проектите за населување што Израел планира да ги изгради во Стариот град на Ел Халил.
Според палестинската новинска агенција ВАФА (WAFA), делегацијата од дипломати за време на прошетката низ Стариот Град, сакала да влезе во Улицата на загинатите, која е затворена за Палестинците од масакрот што беше извршен во Џамијата „Харем-и Ибрахим“ во 1994 година, но израелските војници не го дозволиле тоа.
Џибрил ер-Раџуб, генерален секретар на Централниот комитет на движењето Фатах, во текот на прошетката ги информира дипломатите за политичките случувања во Палестина и регионот.
Укажувајќи на важноста на палестинското единство пред израелската опасност со која се соочува палестинскиот народ, неговата земја и нивната иднина, Раџуб на дипломатите им зборуваше за опасноста од колонизацискиот проект на Израел и прекршувањата што ги спроведува во градот, вклучувајќи ги и нападите од страна на еврејските доселеници.
Укажувајќи дека режимот на апартхејдот што Израел систематски го одржува во регионот на Стариот Град ги принудува Палестинците да си заминат од градот или секојдневно да страдаат, Раџуб ги повика земјите од светот да ги исполнат своите политички и правни одговорности за да им обезбедат заштита на Палестинците.
Нападот на Џамијата „Харем-и Ибрахим“ на 25 февруари 1994 година од страна на Барух Голдштајн, жител на илегалната еврејска населба Кирјат Ерба во градот Ел Халил и член на екстремната ционистичка терористичка организација Кач, влезе во историјата како „Масакрот во Џамијата „Ел-Халил“ [Џамијата „Харем-и Ибрахим“].
Израел за Палестинците ја затвори Улицата на загинатите во Ел Халил од нападот во 1994 година. Само на еврејските доселеници им е дозволено да шетаат по улицата.
Во делот на Ел Халил што е под контрола на Израел живеат 400 Евреи, а ги штитат околу 1.500 војници.