Lina Altawell
14 Април 2026•Ажурирај: 14 Април 2026
Израелските сили утринава извршија неколку рации низ окупираниот Западен Брег и приведоа десетици Палестинци, соопштија локални извори, јавува Анадолу.
Во бегалскиот камп Каландија, северно од Ерусалим, по претресот на домовите и вандализирањето на имотот, израелските војници приведоа деветмина Палестинци, изјавија извори за Анадолу.
Војниците го опколија кампот и истрелаа солзавец во станбените области, додаваат изворите, кои истакнаа дека нема известувања за повредени.
Во јужниот дел на Западниот Брег армијата изврши рации во десетици домови во бегалскиот камп Ал-Аруб и градовите Идна и Бани Наим во Хеброн.
На северниот дел израелските сили приведоа двајца Палестинци во Наблус по претресот на нивните домови.
Војниците влегоа и во градовите Тубас и Тајасир, каде што извршија претреси.
Во источен Тулкарем израелските сили спроведоа обемна кампања во која се преведени десетици Палестинци, иако точниот број не е прецизиран, велат изворите.
Во централниот дел на Западниот Брег војниците приведоа едно дете и еден тинејџер за време на рацијата во селото Кафр Малик, источно од Рамала.
Рациите се дел од тековните израелски воени операции низ Западниот Брег, при што се извршуваат приведувања и претреси на домовите.
Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година во нападите на израелската армија и окупаторските сили на Западниот Брег убиени се најмалку 1.133 Палестинци, повредени се околу 11.700, а приведени се речиси 22.000 лица, според палестински податоци.
Меѓународниот суд на правдата во јули 2024 година ја прогласи израелската окупација на палестинската територија за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.