Mohammad Sıo
20 Мај 2024•Ажурирај: 21 Мај 2024
КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските политичари денес ја слават смртта на иранскиот претседател Ибрахим Раиси, неговиот министер за надворешни работи и други претставници во хеликоптерска несреќа, јавува Анадолу.
Раиси, министерот за надворешни работи Хусеин Амир-Абдолахијан и други официјални претставници загинаа при пад на хеликоптерот во кој се наоѓаа во планинската провинција Источен Азербејџан вчера попладне.
Амичај Елијаху, израелскиот министер за наследство, во врска со несреќата објави слика со чаша вино на X, со наслов „На здравје“.
„Лудите кои синоќа му посакаа смрт на премиерот (Бенјамин Нетанјаху) и десничарите бараат од нас да не се радуваме на смртта на убиецот од Иран“, напиша тој во следната објава.
Ави Маоз, лидерот на партијата Ноам и член на Кнесетот, исто така се огласи на социјалните мрежи за да го коментира инцидентот. Тој потсети на заканата упатена од загинатиот ирански претседател пред помалку од еден месец. „Пред неполн месец, тој (иранскиот претседател) се закани дека „ако Израел нападне, нема да остане ништо од него“, а сега тој стана само ронка прашина во историјата“, напиша тој.
Авигдор Либерман, поранешниот министер за одбрана и лидер на опозициската десничарска партија „Израел Бејтеину“, за новинскиот сајт „Инет“ изјави дека Израел „нема да пушти солза за смртта на иранскиот претседател“.
Иако имаше индивидуални реакции, израелската Влада допрва треба да даде официјална изјава во врска со смртта на највисоките ирански претставници.
Заменикот на Раиси, Мухамед Мокбер, ќе ја извршува функцијата претседател по одобрувањето на врховниот лидер ајатолахот Хамнеи.