Dilara Hamit
29 Јануари 2020•Ажурирај: 29 Јануари 2020
РАМАЛА (AA) – Најмалку десет Палестинци се повредени во текот на интервенцијата на израелските безбедносни сили врз протестите што синоќа се одржани на окупираниот Западен Брег поради таканаречениот блискоисточен мировен план, што вчера го соопшти американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот претседател Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа ја соопштија содржината на таканаречениот мировен план за Блискиот Исток, а Палестинците бурно негодуваа и најавија отпор кон тој план.
Група Палестинци протестираа на влезот на градот Ал-Бирех, а интервенираше израелската Војска која употреби гумена муниција и големи количини солзавец.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека во интервенцијата се повредени најмалку десет Палестинци.
Палестинските движења на отпорот „Фатах“ и „Хамас“ го отфрлија унилатералниот американски план, кој според содржината претежно ги задоволува сите израелски барања и е во спротивност со досегашните резолуции на Обединетите нации.
Низ улиците на градовите во Палестина и Јордан излегоа илјадници демонстранти кои бараат правда за Палестина.
Хаштагот #FreePalestine (слободна Палестина) набргу стана доминантен на социјалните мрежи.