свет

Израел ја поздрави резолуцијата на ОН за Газа, опозицијата со критики за Владата на Нетанјаху

Израелската Влада изрази надеж дека резолуцијата, „во духот на визијата на претседателот Трамп“, ќе доведе до понатамошна интеграција на Израел со соседните земји и проширување на Абрахамските договори

Betül Yılmaz  | 18.11.2025 - Обновена : 18.11.2025
Израел ја поздрави резолуцијата на ОН за Газа, опозицијата со критики за Владата на Нетанјаху

ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) - Израел денес ја поздрави резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) подготвена од САД, додека од израелската опозиција стасаа остри критики на сметка на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во соопштението од Канцеларијата на премиерот, објавено на американската платформа за социјални медиуми Х, се наведува дека Израел и Нетанјаху ја поздравуваат одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот, како што се истакнува, „неуморен и посветен тим“.

Во соопштението се додава дека Советот за безбедност на ОН целосно го поддржува планот од 20 точки на Трамп и формирањето на Одборот за мир, кој ќе биде предводен од американскиот претседател.

Израелската Влада изрази надеж дека резолуцијата, „во духот на визијата на претседателот Трамп“, ќе доведе до понатамошна интеграција на Израел со соседните земји и проширување на Абрахамските договори.

Советот за безбедност ја усвои резолуцијата синоќа со 13 гласа „за“, додека Русија и Кина беа воздржани.

Резолуцијата предвидува формирање на Одбор за мир и овластување на Меѓународни сили за стабилизација (ISF) до 31 декември 2027 година, со цел да се надгледуваат управувањето, обновата и безбедноста во Појасот Газа.

Во меѓувреме, десничарскиот опозициски лидер Авигдор Либерман, претседател на партијата Израел Беитејну, оцени дека резолуцијата претставува „лошо управување на израелската Влада и отстапка од безбедносните интереси на државата“.

„Ја изгубивме контролата врз земјата. Меѓународните сили на суверената територија на државата Израел, синдикатот што нè лиши од нашата способност да се браниме и им стави лисици на рацете на сите во ИДФ (израелската Армија) - ова е враќање во мандатниот период“, рече Либерман.

„Блискиот Исток се менува, и тоа не во наша корист“, додаде тој.

Американскиот нацрт-документ е дел од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и размена на заложници, кој стапи во сила на 10 октомври врз основа на планот од 20 точки претставен од Трамп.

Првата фаза предвидува ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници, обнова на Газа и воспоставување нов механизам на управување без учество на Хамас.

Од октомври 2023 година, во израелските напади се убиени речиси 69.500 Палестинци, најголем дел жени и деца, а над 170.700 се ранети, додека енклавата е речиси целосно разрушена.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın