свет

Израел спречи француска делегација да ја посети земјата

„Откажувањето на нашите дозволи за влез во Израел, само 48 часа пред планираното поаѓање, претставува сериозно нарушување на дипломатските односи со Франција и директен удар врз нашите мандати како избрани претставници на Републиката“

Ahmed Asmar  | 21.04.2025 - Обновена : 22.04.2025
Израел спречи француска делегација да ја посети земјата

ЕРУСАЛИМ/АНКАРА (АА) - Израелските власти ги поништија визите на 27 француски пратеници, градоначалници и избрани функционери, кои требаше да го посетат Израел и окупираниот Западен Брег, како одмазнички чекор кон францускиот претседател Емануел Макрон поради неговиот план за признавање на палестинската држава, јавува Анадолу.

Француската делегација беше планирано да пристигне во Израел утре.

Според израелскиот весник Хаарец, оригиналните визи за влез на делегацијата биле одобрени пред околу еден месец.

Во заедничко соопштение објавено денес ,,Еколошката партија и Комунистичката партија на Франција го оценија потегот на Израел како „колективна казна“ и побараа од претседателот Макрон итна интервенција.

„Откажувањето на нашите дозволи за влез во Израел, само 48 часа пред планираното поаѓање, претставува сериозно нарушување на дипломатските односи со Франција и директен удар врз нашите мандати како избрани претставници на Републиката“, се вели во соопштението.

„Овој чекор бара јасен и решителен одговор од највисоките институции на нашата држава. Намерното спречување на пратеници и избрани функционери кои се залагаат за признавање на палестинската држава не смее да остане без последици,“ додаваат тие.

Францускиот претседател Макрон на 9 април изјави дека Франција планира да ја признае палестинската држава и дека тоа може да се случи најрано до јуни.

На почетокот на април, Израел им забрани влез и на двајца британски пратеници, со образложение дека се поддржувачи на Палестинците.

Меѓународните и странските делегации може да влезат во окупираните палестински територии само преку израелски контролни пунктови, каде што многумина беа одбиени под изговор дека го поддржуваат палестинскиот народ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.