Aness Suheil Barghoti
02 Август 2019•Ажурирај: 04 Август 2019
ЕРУСАЛИМ
Израел тајно лобираше кај администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, за да ја блокира Турција во купувањето на борбените авиони „Ф-35“, и со тоа да ја одржи својата воена предност во регионот, објавија израелските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Израел почна да ја наговара Белата куќа да ја исфрли Анкара од програмаta „Ф-35“, кратко откако турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го одобри купувањето на одбранбениот ракетен систем „С-400“ од Русија“, објави израелскиот „Channel 12“.
„Извршен е притисок врз Вашингтон да се откаже од продажбата на напредните авиони „Ф-35 на Турција“, наведе „Channel 12“.
Турција беше суспендирана од програмата „Ф-35“ во јули, а американската администрација тврди дека рускиот одбранбен систем „С-400“ ќе ја загрози безбедноста на нејзините авиони „Ф-35“. Турција го негира таквото тврдење, велејќи дека со години неуспешно се обидувала да го купи американскиот ракетен одбранбен систем „Патриот“, пред да се насочи кон купувањето на „С-400“.
Во последните две години, Израел започна да ги купува „Ф-35“ од САД, при што беше единствената земја во Блискиот Исток која го има тој вид борбени авиони.
Израелската влада потпиша договори со американскиот произведувач „Lockheed Martin“ за купување на најмалку 50 авиони „Ф-35“, користејќи ги американските средства за помош.
Авионите ќе бидат испорачувани во серии од два и три авиона до 2024 година.