Mehmet Nuri Uçar
14 Април 2024•Ажурирај: 15 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските сили во текот на целата ноќ вршеа напади врз Појасот Газа, јавува Анадолу.
Тие изведуваа воздушни напади, но и напади од копно и море.
Израелските сили продолжуваат со нападите на Појасот Газа веќе 191 ден, каде што предизвикаа голема хуманитарна катастрофа.
Според вестите на палестинската државна агенција ВАФА, нападите во текот на ноќта биле посебно насочени кон центарот на градот Газа.
Најмалку 10 лица загинаа, а 20 се ранети поради интензивните напади на израелски воени авиони врз бегалскиот камп Нусејрат, градот Ал Захра и областа Ал-Муграка во централниот дел на Газа.
Неколку луѓе загинаа, а многу се повредени во интензивното бомбардирање што израелските воени бродови го изведоа врз домовите на Палестинците во западниот дел на Деир ал Балах и Хан Јунис, во централните делови на Појасот Газа.
Израелски воени авиони, исто така, бомбардираа четири куќи во населбите Ал-Зејтун, Тел ал-Хава и Шеик Аклин во центарот на градот Газа, што резултираше со многу повредени.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври загинаа најмалку 33.686 Палестинци, додека 76.309 се повредени.
Израел започна офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Израелската војна принуди 85 отсто од населението на Појасот Газа внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според податоците на Обединетите нации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.