Mohammad Sio
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
Американскиот Стејт департмент денес објави дека петтата рунда од преговорите меѓу Либан и Израел во Вашингтон е продолжена за еден ден, по известувањата на медиумите дека во разговорите не е надминат сѐ поголемиот јаз околу повлекувањето на израелските сили од јужен Либан, јавува Анадолу.
Израелскиот јавен радиодифузер КАН (KAN), повикувајќи се на неименувани извори, објави дека главниот спор се врти околу она што Израел го нарекува „Жолта линија“ или „Противтенковска линија“, воспоставена во април — замислена линија која се протега околу 8 километри внатре во либанската територија од израелската граница.
Израел одбива да се повлече од областите внатре во Жолтата линија и инсистира на задржување на своето присуство на ридот кај тврдината Бофор во јужен Либан.
КАН објави дека Израел размислува за делумно и условно повлекување од некои заземени области, додека Либан бара целосно израелско повлекување од сите села и градови во рамките на линијата, вклучувајќи ги Мајдал Зун, Зибкин, Беит Лиф, Тајри и Кунине.
Според информациите на „Ерусалим пост“, американскиот предлог содржи „пилот-план“ за јужниот дел на земјата, кој предвидува етапно распоредување на либанската Армија во испразнетите зони и целосно неутрализирање на воените капацитети на Хезболах.
Несогласувањето најмногу е околу тоа од каде треба да започне спроведувањето.
САД и Либан го поддржуваат започнувањето на планот во областите кои моментално ги држат израелските сили, додека Израел сака прво да го тестира во области каде што неговите војници не се распоредени „за да ја процени способноста на либанската Армија да ги спречи активностите на Хезболах.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на конференција во Тел Авив изјави дека Израел „ќе остане таму“.
Министерот за одбрана Израел Кац рече дека Армијата нема да се повлече од „безбедносната зона“ во јужен Либан „дури и ако САД бараат повлекување“, нагласувајќи ја потребата да се заштитат северните израелски заедници.
„Једиот ахронот“ објави дека страните исто така разговараат за американски координативен механизам за надзор на распоредувањето на либанската Армија во областите што израелските сили би можеле да ги испразнат, како и за безбедносен комуникациски канал меѓу двете страни. Секое потенцијално повлекување би барало неколку дена логистички подготовки, додава весникот.
Претходно вчера, израелското Воено радио објави дека Армијата повлекла неколку борбени бригади од јужен Либан како дел од планот „за зголемување на подготвеноста“ и спроведување обука.
Според воениот известувач Дорон Кадош, како што пренесува Военото радио, релокацијата на силите е дел од сеопфатната стратегија за намалување на борбениот состав на неколку фронтови. Дел од бригадите ќе го задржат „високиот степен на борбена готовност“ и за време на вежбите, а предвидено е резервниот состав да ги замени активните трупи во случај на потреба.
Ваквиот чекор се совпадна со намалувањето на израелските напади во контекст на известувањето за американски притисок врз Тел Авив да ја намали воената ескалација во Либан, со цел поддршка на тековните преговори меѓу САД и Иран во Швајцарија.
На 18 јуни, Вашингтон и Техеран потпишаа Меморандум за разбирање и на 21 јуни започнаа преговори со цел да се постигне траен договор за прекин на војната што ја започнаа САД и Израел против Иран на 28 февруари. Рамката го опфаќа и конфликтот во Либан.
Израел сепак ги продолжи интензивните напади во следните денови, пред значително да го намали темпото на своите напади од неделата.
Од либанските официјални претставници немаше коментар за ваквите известувања.
Израел продолжува да окупира области во јужен Либан, некои ги држи со децении, а други се заземени за време на војната 2023-2024 година. За време на својата офанзива, израелските сили напредуваа повеќе од 10 километри на либанската територија, што е нивно најдлабоко напредување од повлекувањето од јужен Либан во 2000 година.
Од започнувањето на својата офанзива на 2 март 2026 година, воената кампања на Израел расели повеќе од еден милион луѓе, според официјалните либански податоци.
Неколку часа претходно вчера, либанското Министерство за здравство соопшти дека бројот на загинати од израелската офанзива од 2 март се искачил на 4.230 лица, со уште 12.179 повредени, откако во претходните 24 часа беа регистрирани 38 смртни случаи и осум повредени лица.
Министерството не прецизираше дали сите смртни случаи се случиле во текот на изминатиот ден или вклучуваат тела извлечени од претходно бомбардираните подрачја.