Ekipa
17 Април 2022•Ажурирај: 18 Април 2022
ГАЗА (АА) - Шеснаесет палестински новинари се наоѓаат во израелските затвори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Комитетот за поддршка на новинарите со седиште во Бејрут соопшти дека осум новинари веќе добиле затворски казни од израелските власти.
„Четворица новинари се држат според политиката на Израел за административен притвор, додека други четворица се држат под образложение за испрашување“, се наведува во соопштението.
Политиката на административен притвор им дозволува на израелските власти да го продолжуваат притворот на затвореник без обвинение или судење.
Денешното соопштение е објавено по повод одбележувањето на Денот на палестинскиот затвореник, што се одбележува на 17 април како потсетување на маките на оние што се држат во израелските затвори.
Невладината организација документирала 174 израелски прекршувања на правата на палестинските новинари оваа година, меѓу кои и притворање и нивно користење како жив штит.
Невладината организација ги повика меѓународните групи за човекови права да интервенираат за ослободување на палестинските новинари од притвор во израелските затвори и да се запрат прекршувањата на нивните права.
Според палестинските податоци, Израел држи околу 4.500 Палестинци во своите затвори, меѓу кои 34 се жени.