Safiye Karabacak,Enes Canlı
29 Март 2024•Ажурирај: 30 Март 2024
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Околу 125.000 палестински верници денес ја извршија третата петочна молитва од овогодинешниот Рамазан, месецот на постот, во џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ал-Кудс (Ерусалим) и покрај израелските ограничувања, јавува Анадолу.
Десетици илјади Палестинци од раните утрински часови поминаа низ воените контролни пунктови меѓу Западниот Брег и Ал Кудс и се упатија кон Ал Акса.
По неколкучасовното патување Палестинците пеш стигнаа до џамијата Ал Акса и клањаа петочна молитва (џума намаз).
Израелските сили ангажираа голем број војници на контролните пунктови меѓу Западниот Брег и Ал-Кудс и го проверуваа идентитетот на Палестинците кои се обидуваа да дојдат до Ал Акса.

Многу Палестинци беа спречени да влезат во Ерусалим (Ал-Кудс) иако имаа посебни дозволи.
Од Управата на исламските вакафи во Ал Кудс, беше наведено дека џума намаз во Ал Акса клањале 125.000 Палестинци.
Израел не им дозволи на жените помлади од 50 години и на мажите под 55-годишна возраст да влезат во Ал Кудс од окупираниот Западен Брег.
За муслиманите, Ал Акса претставува третото најважно светилиште, а Евреите тврдат дека порано на тоа место постоеле два еврејски храма.
Комплексот Ал Акса, кој се простира на 15 отсто од површината на старото јадро на Ал-Кудс, се наоѓа под израелска окупација и претставува точка на спојување на трите најголеми религии во светот.
Израел го окупираше Источен Ал-Кудс (Источен Ерусалим), каде што се наоѓа Ал Акса, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектира целиот град во 1980 година, постапка која никогаш не беше прифатена од меѓународната заедница.