Burç Eruygur
25 Јуни 2026•Ажурирано: 25 Јуни 2026
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека им наложил на украинското разузнавање и на Армијата да бидат подготвени за дејствување против руските капацитети што се користат во војната која трае повеќе од четири години, јавува Анадолу.
Во синоќешното видеообраќање, Зеленски соопшти дека началникот на Воената разузнавачка служба, Олех Ивашченко, поднел извештај за украинските напади врз рускиот енергетски сектор, при што истакна дека разузнавањето дошло до „интерни руски документи“ кои покажуваат дека овие удари се „болно почувствувани“ во Москва.
Посочувајќи дека Украина веќе има погодено низа цели во овој контекст, вклучително и такви оддалечени повеќе од 1.200 километри од линијата на фронтот, Зеленски додаде дека биле нападнати и комуникациските центри на руската Армија.
„Им наложив на нашето разузнавање и на нашата армија да делуваат однапред против капацитетите што Русите ги користат за ескалација на војната“, рече тој.
Зеленски тврди дека Москва во моментов префрла повеќе средства за противвоздушна одбрана кон руската престолнина, како и кон градот Валдај и Керченскиот мост, кој беше изграден по руското анектирање на Крим во 2014 година за да го поврзе полуостровот со руското копно.
Тој исто така тврди дека повеќе од 60 руски региони се соочуваат со недостиг на гориво.
Поради неодамнешните украински напади со беспилотни летала врз руските рафинерии за нафта, неколку објекти ги прекинаа операциите заради обнова, што предизвика Москва периодично да воведува рестрикции со цел да се стабилизира домашниот пазар на гориво.
Ограничувања за продажба на гориво неодамна беа воведени од локалните власти во низа региони, вклучувајќи ги Тјумен и Татарстан.
Властите на Крим поставени од Москва во текот на викендот соопштија дека целосно се прекинува продажбата на гориво за граѓаните и за бизнис-секторот, а преостанатите залихи се резервирани исклучиво за потребите на јавните служби од витално значење.
Претходно овој месец, Генералштабот на Украина тврдеше дека неговите сили погодиле 16 големи руски рафинерии за нафта и терминали за гориво, исфрлајќи од функција повеќе од 30 отсто од капацитетот за преработка.