Diyar Güldoğan
31 Октомври 2022•Ажурирај: 01 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије ќе ги продолжи напорите за изнаоѓање решение за глобалната криза со храна, како што го правеше тоа досега, и покрај повлекувањето на Русија од договорот поддржан од Обединетите нации (ОН), изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Како што знаете, околу една третина од светското производство на пченица го прават Украина и Русија. Вие сте најблизок сведок на нашите напори да ја испорачаме оваа пченица до земјите загрозени од глад. Со заедничкиот механизам што обезбедивме да биде воспоставен во Истанбул, овозможивме релативно намалување на кризата со храна, нудејќи му 9,3 милиони тони украинска пченица на светот“, изјави Ердоган на 8-миот Турски светски медицински конгрес во Истанбул.
Ердоган додаде: „Иако Русија се двоуми во овој поглед бидејќи не ѝ се обезбедуваат истите бенефиции, ние ќе продолжиме со нашите напори да му служиме на човештвото.“
Ердоган ја даде неговата изјава дојде откако Русија во саботата објави дека го суспендирала учеството во договорот за извоз на украинско жито, по нападот врз нејзината Црноморска флота.
Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули во Истанбул потпишаа договор за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари.
Во Истанбул е формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораките.
По повлекувањето на Русија, Туркије соопшти дека министерот за одбрана Хулуси Акар продолжува со преговорите и координацијата со нејзините колеги за продолжување на извозот на жито.