Ayşe Şensoy Boztepe
20 Септември 2022•Ажурирај: 21 Септември 2022
ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, придружуван од сопругата Емине Ердоган, ја посети уметничката изложба направена од рециклиран отпад, што се одржува во Турската куќа (Туркеви) во Њујорк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган е во посета на Њујорк за да учествува на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, а денеска присуствуваше и на Самитот за трансформација на образованието.

Во Њујорк е и неговата сопруга Емине Ердоган, која денеска во седиштето на ОН ја потпиша Декларацијата за добра волја со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со која се предвидува воспоставување соработка за еколошкиот проект „Нула отпад“.
Брачниот пар Ердоган пешачеше од зградата на седиштето на ОН до Турската куќа (Туркеви) и ја посети изложбата на уметност направена од рециклиран отпад.

Уметничката и авторка на изложбата, Дениз Сагдич, на гостите им ги претстави своите дела направени од различен отпад како што се батерии, лекови, пластика, текстил, капачиња за шишиња и електронски производи. Ердоган ѝ честиташе на уметницата за изложбата и ѝ посака успех во нејзиниот еколошки активизам.
На посетата на изложбата присуствуваа и министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени на Туркије, Мурат Курум, министерот за национално образование, Махмут Озер, главниот преговарач за климатски промени, Мехмет Емин Бирпинар, и постојаниот амбасадор на Туркије при ОН, Феридун Синирлиоглу.