Mücahithan Avcıoğlu
23 Октомври 2026•Ажурирано: 23 Октомври 2026
Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, изјави дека очекува енергетската криза да продолжи и во 2027 година, предупредувајќи дека светот и понатаму ќе се соочува со нејзините последици, додека владите бараат алтернативни извори на енергија и ја зајакнуваат безбедноста на снабдувањето, пренесува Анадолу.
Обраќајќи се од далечина на Самитот за инвестиции кон КОП31 во Истанбул, Бирол рече дека глобалните случувања и енергетските политики на земјите даваат малку причини да се очекува нормализирање на состојбата следната година.
„Не сум оптимист во однос на нормализирањето на состојбата во 2027 година“, рече тој, додавајќи: „Дури и кога се обидувам оптимистички да ги гледам работите, не можам да најдам аргумент што би ме убедил“.
„Оваа криза ќе продолжи во една или друга форма и во 2027 година. Светот и понатаму ќе се обидува да ги залечи своите рани, под услов да не се појават нови“, додаде тој.
Бирол рече дека кризата во Ормускиот Теснец влијае врз економијата, земјоделството и енергетиката, поттикнувајќи ги владите, компаниите и инвеститорите повторно да ги разгледаат своите краткорочни и долгорочни стратегии.
Тој направи паралела со нафтените кризи од 1973 и 1979 година, за кои рече дека го поттикнале развојот на нуклеарната енергија и подобрувањето на ефикасноста на возилата.
- Залагање за електрификација на КОП31 -
Бирол го опиша КОП31 како „златна можност“ за Турција и голема можност за светот, оценувајќи дека актуелната криза може да помогне во создавањето поддршка за конкретни резултати.
Тој предложи преземање обврска за зголемување на уделот на електричната енергија во глобалната потрошувачка на енергија од 23 на 35 отсто до 2035 година, повикувајќи ги земјите да ја поддржат иницијативата на самитот во Анталија.
Поголемата електрификација би ја зајакнала енергетската безбедност и истовремено би ги намалила емисиите, рече тој, посочувајќи дека тоа може да биде заедничка цел во време на длабоки меѓународни поделби.
Додаде дека усвојувањето на предлогот би испратило недвосмислен сигнал до инвеститорите и пазарите на капитал.
Бирол рече дека нивото на учество и постигнувањето договор за електрификацијата ќе бидат два клучни показателa за успехот на КОП31, изразувајќи оптимизам и во однос на бројот на влади што ќе присуствуваат и во однос на нивото на нивната застапеност.