Associated Press
11 Септември 2022•Ажурирај: 12 Септември 2022
СТОКХОЛМ (АА) - Во Шведска денес се одржуваат парламентарни избори на кои се очекува неизвесна борба меѓу социјалдемократите од левиот центар, кои се на власт, и конзервативниот блок кој ги вклучува и антиимигрантските популисти Шведски демократи, известува Агенција Анадолија (АА).
Анкетата на дневниот весник „Афтонбладет“ покажа дека социјалдемократскиот табор на премиерката Магдалена Андерсон има поддршка од 49,6 % од бирачите, додека конзервативниот блок, на чие чело се наоѓа Улф Кристерсон, има поддршка од 49,4 % од гласачите. Станува збор за разлика која не надминува 13.000 гласачи.
И анкетите на државната телевизија СВТ и на весникот „Дагенс нихетер“ предвидуваат неизвесна изборна трка.
Изборите во Шведска се одржуваат во екот на енергетската криза и раст на стапката на криминалот во земјата, со сè почести престрелки, па и политичките табори во предизборната кампања најмногу ветуваа решенија на тие полиња.
Актуелната премиерка Андерсон со години беше министерка за финансии пред да стане премиерка на Шведска пред една година, а нејзиниот главен ривал Улф Кристерсон, лидер на конзервативната Умерена партија, себеси се гледа како единствен кој може да ја обедини десницата и да ја симне Андерсон од власт.
Кристерсон со години ги јакнеше односите со Шведските демократи, крајна десница што е антиимигрантски ориентирана и што претходно ја избегнуваа сите партии, но сега сѐ повеќе станува дел од главната струја на десницата.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Шведските демократи на Јими Окесон неодамна ја престигнаа дури и Умерената партија и станале втора најголема партија зад социјалдемократите.
Аналитичарите најавуваат дека по изборите ќе следуваат долги и тешки преговори за формирање на владата.
Андерсон за втор мандат на чело на владата најверојатно ќе мора да ја добие поддршката на партиите од центарот и левицата, а веројатно и од Партијата на зелените.