Ekipa
29 Јануари 2017•Ажурирај: 30 Јануари 2017
ЛОНДОН (AA) - На 20. годишнината од смртта на принцезата Дијана, нејзините синови, британските принцови Вилијам и Хари ќе откријат статуа со нејзин лик, пренесува Anadolu Agency (AA).
Британските медиуми пишуваат дека принцовите ангажирале приватен вајар за да изработи статуа на принцезата Дијана, која би била платена од приватни средства.
Статуата на принцезата ќе биде поставена во јавната градина на некогашниот дом на принцезата Дијана, во палатата Кенсингтон во Лондон.
Во заедничка изјава британските принцови истакнуваат дека на овој начин сакаат да се ‚препознае позитивното влијание кое го имала принцезата Дијана во Обединетото Кралство, но и во светот.
„Нашата мајка ги допре животите на многумина“, истакнаа принцовите кои во времето на смртта на мајка им имаа 15 (Вилијам) и 13 (Хари) години.
Иако сè уште не е прецизирано кога ќе биде поставена статуата, се верува дека тоа ќе биде оваа година на обележувањето на 20. годишнината од смртта на принцезата.
Тогаш поранешната сопруга на престолонаследникот, принцот Чарлс, велшката принцеза Дијана, загина во сообраќајна несреќа во Париз, ноќта на 31 август 1997 година.
Со неа настрада и нејзиниот тогашен партнер, египетскиот бизнисмен Доди Фајед.
Таа ноќ парот го напуштил парискиот хотел „Риц“ околу полноќ, и возејќи со голема брзина со цел да ги избегнат папараците, возачот изгуби контрола над возилото и удри во столб од тунелот.
Погребот на принцезата го следеа 2,5 милијарди луѓе од целиот свет.
Од свршувачката со принцот Чарлс, со хуманитарната работа и со необичната харизма, принцезата Дијана го привлекуваше вниманието на светската јавност, а се смета за една од најпопуларните и најфотографирани жени во светот.