Aşkın Kıyağan
11 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
ВИЕНА (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изјави дека бројот на луѓе кои морале да ја напуштат својата земја поради војната која Русија ја покрена во Украина, се зголемува од ден на ден, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Оваа бесмислена војна што предизвикува сериозно страдање во регионот, мора да заврши“, рече Гутереш.
Тој се сретна со претседателот Александар ван дер Белен во Виена, главниот град на Австрија.
Ван дер Белен ја истакна важноста на Обединетите нации за народите во светот.
Тој рече дека на билатералната средба се разговарало за важни прашања како што се руско-украинската војна, енергетската и прехранбената криза предизвикана од војната, како и за климатските промени и обновливите извори на енергија.
Ван дер Белен изјави дека е невозможно да се замисли дека може да избие војна во Европа, но дека не само Европа, туку и целиот свет е погоден од кризата предизвикана од војната што ја започна Русија и дека Европската Унија (ЕУ) одговорила на Московската администрација со остри санкции.
Гутереш изјави и дека војната што Русија ја започнала во Украина предизвикала глобална криза во областа на енергетиката, безбедноста и прехранбените производи и изјави дека за овие прашања разговарал со своите соговорници за време на минатонеделната посета на Москва и Киев.
Тој укажа на важноста руските производи кои се користат како суровини за вештачко ѓубриво и украинските земјоделски производи повторно да бидат достапни на светскиот пазар.
„Бројот на луѓе принудени да ја напуштат земјата поради војната се зголемува. Оваа бесмислена војна, која предизвикува сериозни страдања во регионот, мора да заврши“, рече Гутереш.
Генералниот секретар на ОН подоцна ќе се сретне со премиерот Карл Нехамер и со претседателот на Парламентот, Волфганг Соботка.