Associated Press
03 Јули 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
СИДНЕЈ (АА) - Големи подрачја на австралискиот град Сиднеј денес се најдоа под вода поради поројните врнежи од дожд што во пониските области предизвикаа сериозни поплави, а на населението му е препорачано да се евакуира, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Службата за итни случаи им препорача на илјадници жители од предградијата на австралискиот град Сиднеј да се евакуираат, предупредувајќи дека дождот нема да запре барем до понеделник.
Заводот за метеорологија издаде предупредување за лоши временски услови, силен дожд, поплави и удари од ветар со интензитет од 90 километри на час покрај брегот на најнаселениот австралиски град и други делови на државата Нов Јужен Велс.
Властите соопштија дека браната Варагамба во западен Сиднеј почнала да се прелева синоќа по полноќ и дека најголемото прелевање би се споредило со разорните поплави од март минатата година.
Службите за итна помош соопштија дека во последните 24 часа извршиле повеќе од 100 акции за спасување од поплави и одговориле на повеќе од 3.000 повици за помош. Центрите за евакуација се отворени во неколку области во западен Сиднеј.
На населението му е кажано да избегнува какви било патувања кои не се неопходни, вклучувајќи и користење на јавниот превоз, бидејќи некои патишта веќе се под вода, а други се во опасност од ненадејни поплави.