Alma Dekovic
27 Јануари 2024•Ажурирај: 28 Јануари 2024
БЕЛГРАД (АА) - Опозицискиот блок на лев центар „Србија против насилство“ продолжи вчера со протест во Белград со барање за повторување на изборите одржани на 17 декември, за кои дел од опозицијата тврди дека се украдени со бројни неправилности и злоупотреба, пренесува Анадолу.
Синоќешниот протест е организиран пред Уставниот суд, до кој е поднесено барање за решавање на изборниот спор и поништување на изборите.
Оттаму граѓаните прошетаа до зградата на Радиотелевизијата на Србија, од која бараат да известува за „докажаната изборна кражба“.
Опозициската коалиција ја обвини владината структура дека со изборниот инженеринг, миграција на гласачи и доведување на гласачи од босанскохерцеговскиот ентитет РС, како и од градовите во кои не се одржаа локални избори, е нарушена изборната волја во Белград.
И меѓународните набљудувачи укажаа на злоупотреба и неправилности, а нивниот службен извештај се очекува.
На предвремените парламентарни и делумни локални избори, вклучувајќи го и Белград, изборната комисија прогласи победа на владејачката Српска напредна партија, која во собранието на Србија заедно со коалициските партнери, ќе има апсолутно мнозинство.