Cüneyt Karadağ
23 Септември 2020•Ажурирај: 24 Септември 2020
БЕРЛИН (АА) - Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер изјави дека во земјата се присутни расизмот и непријателството кон муслиманите, јавува Агенција Анадолија (AA).
Штајнмаер во палатата „Белви“ ги прими семејствата на жртвите на расистичкиот и терористички напад што се случи на 19 февруари во градот Ханау.
Во своето обраќање по тој повод, тој посочи дека расистичкиот и терористички напад во Ханау не се случил само тукутака, туку дека е последица на расизмот, непријателството кон муслиманите и антисемитизмот, појави кои несомнено се присутни во Германија.
„Луѓето на улица се понижувани, напаѓани и убивани поради потемната боја на кожата, за време на молитвите во џамиите и затоа што носат капи на главите. Корените на десничарскиот радикализам допираат длабоко во нашата заедница. Ова е сериозен проблем кој бара итна реакција. Тоа не треба да го игнорираме ниту за време на пандемијата на Ковид-19“, рече Штајнмаер.
Истакнувајќи ја неопходноста од заедничка борба за изградба на општество без расизам, омраза и насилство, Штајнмаер рече дека тоа е порака и до Ханау затоа што луѓето мора да живеат заедно.
„Поради пандемијата, семејствата на жртвите од нападот во Ханау се уште повеќе осамени. Меѓутоа, драги роднини, ние не ве заборавивме и нема да ве заборавиме. Мојата сопруга и јас, во име на мнозинството наши сонародници, денеска сакаме да кажеме дека сме свесни оти не можеме да ви ја тргнеме болката, но дека сме со вас и дека ова е ваша татковина“, порача Штајнмаер.
Екстремистот Робијас Ратјен во терористички напад во Ханау во февруари уби девет лица со имигрантски корени во три угостителски обијекти. Напаѓачот потоа си заминал дома и ја убил сопствената мајка, а потоа изврши самоубиство.