Erbil Başay
20 Март 2020•Ажурирај: 21 Март 2020
БЕРЛИН (АА)
- Ербил БАШАЈ
Криминалните дејства извршени од екстремни десничари во Германија, повторно почнаа да се зголемуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дописникот на АА ги анализираше одговорите на сојузната Влада на прашањата во врска со злосторствата извршени од екстремни десничари по повод 21 март - Меѓународниот ден против расизмот.
Според тоа, злосторствата извршени од десничарите во 2016 година достигнале до рекордниот број 23.555.
Во 2017 година екстремните десничари во земјата извршила вкупно 20.520 криминални дејства, а таа бројка во 2018 година изнесува 20.431. Минатата година оваа бројка повторно почна да се зголемува и изнесува 20.856.
Конечниот извештај за ова прашање за 2019 година се очекува да биде соопштен во наредните месеци, а очекувањата се дека бројките ќе бидат зголемени.
Голем дел од предметните злосторства се евидентирани како „пропаганден криминал“, додека екстремните десничари извршиле 972 насилни дела.
- Напади врз муслимани
Според одговорот на германската Влада на прашањата, во периодот јануари - септември 2019 година биле извршени 597 напади врз муслимани и џамии.
Во првиот квартал од годината се регистрирани 188 напади, во вториот квартал 222 и во третиот квартал, 187 напади. Во овој период повредени се 21 лице. Бројките од четвртиот квартал сѐ уште не се објавени.
Како дел од нападите извршени против муслиманите се „повредување“, „навреда“, „провоцирање на народот“ и „вознемирување“, додека врз џамиите се извршени напади од видот „оштетување на имотот“, „закани со бомби“ и „пишување на sидовите на џамијата“.
Според записите на Владата, во периодот јануари - септември 2019 година нападнати се 66 џамии. Во 2018 година извршени се 840 антиисламски злосторства.
Претставниците на муслиманските здруженија посочуваат дека голем број кривични дела не се регистрирани поради тоа што многу луѓе не се пожалиле. Затоа, според нив, реалните бројки може да се повисоки.
- Напади против мигрантите и антисемитизам
Според бројките на германското Министерство за внатрешни работи, екстремните десничари извршиле 895 напади против мигрантите и 91 против домовите на мигрантите во периодот јануари - септември 2019 година. Во нападите се повредени 146 лица, вклучително и деца.
Исто така, во Германија забележано е зголемување и на антиеврејските напади. Според податоците на Владата, во 2019 година извршени се вкупно 839 напади врз Евреите. Наведено е дека тоа е „најголем број“ евидентиран по 2001 година.
Во 2019 година, во рамките на антисемитските напади евидентирани се 72 насилни инциденти, повредени се 35 лица, а загинати се 2. Во 2018 година извршени се 1.799 напади врз Евреите.
Забележано е дека огромниот број злосторства против Евреите ги извршиле неонацистите и екстремните десничари.
- Има повеќе од 24.000 екстремни десничари
Германската агенција за уставна заштита (BfV), која е одговорна за внатрешно разузнавање во Германија, истакнувајќи дека во земјата помеѓу екстремните десничари има „потенцијал за терор“ нагласи дека во Германија има 24.000 лица кои се сметаат за „екстремни десничари“, од кои околу 13.000 се насилни.
Екстремните десничари, особено во изминатите 30 години, спроведоа бројни криминални активности во земјата, како што се подметнување пожар, расистички терористички напади, убиство и повреди, при што загинаа над 200 луѓе.
Пред еден месец во градот Ханау, терористот по име Тобијас Ратјен уби девет мигранти од кои четворица беа Турци.
По терористичкиот настан, претставниците на имигрантите и муслиманските здруженија ја повикаа Владата да ја гарантира безбедноста на муслиманите во земјата.
Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Сихофер, призна дека најголемата закана во земјата доаѓа од крајната десница.
Германската канцеларка Ангела Меркел исто така нагласи дека расизмот е отров и дека тој постои во општеството.