Ayhan Şimşek
23 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија го потврди своето противење на енергетските санкции кон Русија, предупредувајќи дека тоа може да има негативни последици за европските економии, јавува Агенција Анаолија (АА).
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во Берлин, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека европските земји треба внимателно да ги проценат предложените мерки.
„Санкциите треба да дејствуваат врз агресорот, но во исто време, треба да се погрижиме тие да имаат минимални последици за нашите економии и да бидеме во можност да ги одржиме“, рече тој.
Шолц истакна дека не само Германија, туку, исто така, и многу други земји од ЕУ сѐ уште треба да купуваат гас, нафта и јаглен од Русија, бидејќи немаат други алтернативи на краток рок.
„Но ние решивме да станеме независни што е можно поскоро од увоз на јаглен, гас и нафта од Русија. И работиме на ова со полна пареа“, додаде тој.
Германскиот канцелар рече дека европските земји веќе ги вовеле „најстрогите санкции досега “ против Русија, минатиот месец, како одговор на нејзиниот напад на Украина, со силни економски санкции и финансиски мерки.
„И овие санкции почнаа да го покажуваат своето влијание врз економијата на Русија и тоа ќе станува сѐ подраматично секој ден“, додаде тој.
Шолц го обнови неговиот повик кон рускиот претседател Владимир Путин веднаш да ги прекине сите борбени операции во Украина и да ги повлече руските војници од земјата.
„Прекин на огнот е итно потребен за да се стави крај на незамисливото страдање и уништување“, рече тој.
Војната на Русија врз Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на глобални фирми од Русија.
Најмалку 953 цивили загинаа во Украина, додека повеќе од 1.557 беа повредени, според проценките на ОН. Преку 3,5 милиони луѓе пребегаа во соседните земји.