Ikrame Imane Kouachi
12 Април 2025•Ажурирај: 14 Април 2025
ГАЗА/АНКАРА (АА) — Kaнцеларијата за медиуми на Владата во Газа предупреди дека Израел систематски ја користи водата како „оружје за бавно убивање,“ оневозможувајќи им на Палестинците пристап до чиста вода и дополнително продлабочувајќи ја хуманитарната криза во опколениот Појас Газа, јавува Анадолу.
Во официјално соопштение, канцеларијата оцени дека израелските дејствија се дел од „поширока стратегија на колективно казнување.“
Канцеларијата за медиуми го осуди континуираниот прекин на водоснабдувањето, вклучувајќи сечење на главните водоводни линии, уништување на бунари и водни станици како и намалување на снабдувањето со електрична енергија и гориво потребни за работа со водоводни и санитарни објекти.
Особено беше истакнато дека Израел неодамна ги прекинал двете главни водоводни линии од израелската компанија „Мекорот,“ кои секојдневно обезбедуваат повеќе од 35.000 кубни метри вода за над 700.000 Палестинци во источниот и централниот дел на Газа.
Дополнително, Израел го прекинал и напојувањето со електрична енергија на постројката за десалинизација на вода во Деир ал-Балах, што целосно ја запрело работата на објектот и оставило околу 800.000 луѓе од централниот дел и регионот на Кан Јунис во опасност од сериозен недостиг на вода.
Според властите во Газа, од 7 октомври 2023 година досега, Израел уништил повеќе од 90 % од водоводната и канализациската инфраструктура, а на екипите за санација не им е дозволено да пристапат до оштетените објекти.
Владата во Газа повторно апелираше до меѓународната заедница да интервенира и да го повика Израел на одговорност за „обидот водата да се претвори во оружје“ и да се стави крај на страдањата на палестинскиот народ.
Израелската армија на 18 март ги обнови смртоносни напади врз Газа, и покрај прекинот на огнот и договорот за размена на затвореници, кој беше на сила од јануари.
Од почетокот на офанзивата во октомври 2023 година, во Газа се убиени повеќе од 50.900 Палестинци, од кои најголем дел се жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Газа.
Покрај тоа, Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за својата воена кампања против Газа.