Davit Kachkachishvili
28 Јули 2022•Ажурирај: 29 Јули 2022
ПОКРОВСК (АА) - Возот за евакуација, единствената железничка служба во украинската област Доњецк, која секоја вечер ги носи цивилите во побезбедни делови на земјата, досега пренесе 10.000 луѓе од Покровск, на околу 100 километри оддалеченост од областите на фронтот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Досега, 10.000 луѓе се евакуирани оттука со воз за евакуација“, изјави за Агенција Анадолија, Ина Фомина, главна инспекторка на украинската државна служба за вонредни состојби во областа Покровск.
На луѓето не им е дозволено да користат автобуси поради војната, според Фомина, и „тие можат да заминат само со воз“.
„Возењето со воз е бесплатно“, рече таа, додавајќи дека два дополнителни редовни воза заминуваат од истата железничка станица во текот на денот и некои луѓе ги користат за да ги напуштат воените зони.
Додека руската војна во Украина се одолговлекува, цивилите од фронтовите во градовите Бахмут, Краматорск, Северск, Славјанск и Константиновка, како и во околните села во близината на источната линија на фронтот во Доњецк, се собраа во Покровск за да се качат во возот за евакуација.
„Возот заминува од Покровск секоја вечер, прво носејќи ги луѓето во градот Днипро“, рече Фомина, објаснувајќи го процесот на отстранување на луѓето од опасните зони и нивното пренесување до други градови.
Зоја Акберова (64), која го чека возот во амбулантата со нејзината стара болна мајка, за Агенција Анадолија рече дека тие повеќе не можат да останат во регионот и сакаат да заминат.
Акберова рече дека тие порано живееле во Лисичанск, кој е дел од регионот Луганск кој го зазеде Руската армија во јуни, и потоа со нејзиниот сопруг и стара мајка се преселила во селото Верхнекоменское, во близина на градот Бахмут, и дека сега треба да си заминат.
„Ја носам мојата стара мајка која не е во добра состојба во градот Полтава. Немаме каде да останеме таму,“ нагласи Акберова.
Војната на Русија во Украина наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и предизвика истапување на глобални фирми од Русија.
Најмалку 5.237 цивили се убиени и 7.035 се повредени во Украина откако започна војната на 24 февруари, според ОН. Се предупредува дека вистинската стапка е веројатно многу поголема.
„Околу 10 милиони луѓе мораа да заминат во соседните земји“, соопштија од Агенцијата за бегалци на ОН.