Beyza Binnur Dönmez
19 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
ЏАКАРТА (АА) - Бројот на загинати лица во поплавите во Индонезија се искачи на 89, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на индонезиската Национална агенција за справување со катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, соопшти дека 159 лица се повредени откако поплавите го погодиле главниот град на покраината Папуа, Џајапура.
„Околу 74 лица сѐ уште се водат за исчезнати, додека катастрофата погоди 12.000 лица“, вели тој.
Поплавите најмногу го погодија регионот Сентани, каде што настрадаа 82 лица.
Портпаролот на Агенцијата за справување со катастрофи изјави дека во регионот Ампера загинале 7 лица, и тоа во свлечишта кои биле предизвикани од поплавите.
Тој изјави дека операциите за пребарување и спасување се во тек и дека на тоа работат 613 лица.
Во меѓувреме, Турција изрази сочувство до пријателскиот и братски народ на Индонезија и посака брзо закрепнување на повредените.
„Длабоко сме потресени поради трагичната загуба на животите и огромната штета предизвикана од поплавите и свлечиштата во Џајапура, во покраината Папуа, Индонезија“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Минатиот јануари, 68 лица ги загубија своите животи на островот Сулавеси кога поројните дождови предизвикаа поплави и свлечишта.
Свлечиштата и поплавите се честа појава во Индонезија, особено за време на сезоната на монсунските дождови во периодот меѓу октомври и април.