Diyar Güldoğan, Muhammed Yasin Güngör
16 Јуни 2026•Ажурирано: 16 Јуни 2026
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс соопшти дека враќањето на меѓународните нуклеарни инспектори во Иран е клучна компонента од новиот договор постигнат меѓу Вашингтон и Техеран, пренесува Анадолу.
Во изјава за „Ен-би-си њуз“, Венс соопшти дека враќањето на нуклеарните инспектори во Иран е составен дел од договорот со САД. Тој објасни дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) заедно со САД ќе му дадат поддршка на Техеран за уништување на залихите од високозбогатен ураниум, додавајќи дека овој услов е „сосема прецизно дефиниран“ во потпишаниот меморандум за разбирање.
Под урнатините на објектите што беа погодени за време на американско-израелската офанзива во јуни минатата година, наводно останале околу 453,6 килограми збогатен ураниум. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи потврди дека материјалот е „под урнатините“ и дека во моментов нема итни планови за негово извлекување.
Венс изјави дека иако текстот на меморандумот за разбирање е финализиран, останува да се решат уште некои „технички детали“ поврзани со неговото спроведување.
Тој претходно изјави дека документот обезбедува само широка рамка, додека клучните детали ќе бидат утврдени во следните преговори.
„Самиот меморандум за разбирање опфаќа околу страница и пол, што значи дека се работи за прилично општ документ. Но, ова прашање беше исклучително важен дел од разговорите што ги водевме со Иранците“, изјави тој за „Си-ен-ен“.
„Остануваат низа отворени прашања кои ќе мора да се прецизираат за време на фазата на технички преговори, но она што го прави меморандумот за разбирање е воспоставување рамка според која Иранците ќе ги добијат придобивките од договорот доколку ги исполнат своите обврски предвидени во него“, додаде тој.
Американскиот потпретседател изјави дека сите детали од договорот ќе бидат објавени во рок од 24 до 48 часа, а техничките дискусии ќе започнат кон крајот на оваа недела.
На прашањето, дали во договорот се предвидени клаузула за одмрзнување на иранските средства или за олеснување на казнените мерки, Венс изјави дека не се спроведени такви чекори.
„Ниту еден долар од блокираните средства не е одмрзнат, ниту пак, е обезбедено какво било олеснување на санкциите - како од страна на Соединетите Американски Држави, така и од нашите сојузници во Персискиот Залив“, истакна тој.
Притоа, Венс ги наведе двете можни насоки во кои, според него, Иран би можел да се движи во рамките на договорот.
„Реално, постојат две опции, две насоки по кои Иран би можел да тргне оттука. Првата алтернатива е земјата да остане под притисок на екстремно строгите економски санкции, со што трајно ќе се оневозможи обновата на нејзините воени капацитети и повторно воспоставување на нуклеарната програма. Или, со конкретни и проверливи чекори да овозможат пристап на инспекцискиот режим кој со целосна сигурност ќе потврдат дека Техеран нема намера повторно да ја развива нуклеарната програма. Доколку го преземат тој чекор, тоа целосно ќе го трансформира целиот регион“, нагласи тој.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, чија земја беше посредник помеѓу Вашингтон и Техеран, вчера наутро објави дека САД и Иран постигнаа мировен договор и дека официјалната церемонија за потпишување е закажана за овој петок во Швајцарија.